Започна реконструкцијата на споменикот „Илинден“ во Крушево, познат како Македониум, со цел да се заштити еден од најзначајните меморијални објекти во државата од понатамошно оштетување.
Како дел од тековните градежни активности, на надворешната страна на галериите со витраж се поставуваат заштитни решетки, кои треба да спречат навлегување вода во објектот додека траат работите.
Македониумот, дело на архитектите Јордан Грабулоски и Искра Грабул, е изграден пред 52 години, а во неговата внатрешност се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев.
Споменикот со години бил оставен без соодветно одржување, а проблемот со прокапувањето предизвикал сериозни оштетувања од влага. Поради долгогодишната состојба, во ноември минатата година „Илинден“ беше прогласен за културно добро во опасност.
Од Заводот и музеј – Прилеп информираат дека се поставува челична конструкција која е веќе изработена од кутијасти профили со различни димензии. Конструкцијата ќе биде поставена на осумте стаклени галерии, како и на галериите со витраж на надворешниот дел од првото и второто ниво на споменикот.
Над металната конструкција ќе биде поставен лексан со дебелина од 16 милиметри, со што треба да се спречи понатамошното навлегување вода во внатрешноста на објектот.
„Со ова ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот“, изјави Сузана Грибовска, советник конзерватор и архитект во Заводот и музеј – Прилеп.
За проектот за заштита и реконструкција на Македониумот се предвидени околу 90.000 евра.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












