Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска ја обвини СДС дека се обидува да стекне политички поени преку актуелната состојба со водоснабдувањето во Гостивар, наместо, како што рече, да побара одговорност од локалната власт, предводена од нивните коалициски партнери.
На прес-конференција, Петрушевски изјави дека СДС пласира невистини во јавноста и потсети на нивните претходни тврдења дека водата во Валандово не била безбедна за пиење, иако, според него, вонредните анализи покажале дека таа била исправна.
Тој додаде дека во периодот кога СДС раководела со локалната самоуправа во Валандово, не биле спроведувани ниту редовните анализи на квалитетот на водата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека надлежните институции интензивно работат на надминување на состојбата во Гостивар и дека бројот на граѓани кои бараат лекарска помош постепено се намалува.
Според Петрушевски, во наредните денови се очекува жителите да добијат технички исправна вода, која ќе може да се користи за миење, санитарни потреби и одржување на домаќинствата, додека до крајот на следната недела, според проценките на надлежните, треба да биде обезбедена и вода безбедна за пиење.
„Важно е што се преземаат максимални напори за стабилизирање на состојбата во Гостивар. Рејтинг не се прави со лаги“, порача Петрушевски.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












