Европската Унија од средината на 2027 година ќе воведе нови правила за заштита на патниците во воздушниот сообраќај, по повеќе од 13 години преговори меѓу земјите членки.
Најважната новина е дека останува правото на паричен надомест за доцнење на летот од најмалку три часа, доколку причината е на страната на авиокомпанијата. Висината на обештетувањето нема да се менува и ќе изнесува 250, 400 или 600 евра, во зависност од должината на летот.
Новите правила предвидуваат и дополнителна заштита за семејствата. Децата до 14 години ќе имаат право бесплатно да седат покрај своите родители, а истото ќе важи и за бремените жени и лицата со намалена подвижност кои патуваат со придружник.
Авиокомпаниите ќе бидат обврзани бесплатно да ги коригираат помалите грешки во имињата на билетите, како и да обезбедат печатење на бординг-карти без дополнителен трошок.
При подолги доцнења, патниците ќе имаат право на освежување, оброци, пристап до интернет, телефонски повици, а во одредени случаи и хотелско сместување.
Новите правила ќе се применуваат за сите летови што полетуваат од земјите членки на Европската Унија, без разлика на тоа која авиокомпанија го реализира летот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












