Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја прифати поканата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за средба во Министерството, но побара таа да биде целосно отворена за јавноста, со присуство на медиуми и камери.
Реакцијата доаѓа по јавниот повик од министерката до економскиот тим на опозицијата за директно соочување на економските аргументи и податоци.
Филипче, преку објава на социјалната мрежа „Икс“, порача дека опозицијата е подготвена за дебата, но инсистира на целосна транспарентност пред граѓаните.
„Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери. Отворете ги вратите широко, нека слушаат и нека гледаат граѓаните. Нека ни објасни како 1+2=5, како што објаснуваше дека половина Европа ќе банкротира, а Македонија ќе стане богата“, напиша тој.
Од СДСМ наведуваат дека нивниот економски тим е подготвен за отворена дебата базирана на бројки, а не на политички конструкции.
Филипче истакна дека јавноста мора да ја дознае вистината за состојбата со јавните финансии, обвинувајќи ја Владата дека бара оправдувања за, како што рече, лошото управување со економијата.
Претходно, министерката за финансии повика на средба со опозицијата за разјаснување на економските податоци, оценувајќи дека се шират неточни информации и паника во јавноста, додека официјалните показатели покажуваат стабилен економски раст.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












