СДСМ денеска најави дека од 11 часот ќе започне серија прес-конференции посветени на, како што тврдат, злоупотребите и незаконските активности на актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски.
Од партијата порачаа дека ќе презентираат факти, документи и бројки кои, според нив, укажуваат на системска корупција и организирани криминални механизми во институциите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ обвинува дека државниот буџет се празни преку повторувани шеми – фирми со мал број вработени, основани во краток рок, добиваат тендери вредни милиони евра и договори и на централно и на локално ниво, при што средствата завршуваат кај највисоките структури на власта.
Според партијата, додека владата тврди дека нема финансиски капацитет за покачување плати, повисоки пензии, породилни надоместоци и редовен поврат на ДДВ, истовремено, како што велат, се испумпуваат огромни суми јавни пари преку сомнителни проекти и набавки.
СДСМ предупредува дека корупцијата ја разградува државата, институциите се слабее, а младите масовно заминуваат. Оттаму упатија повик до граѓаните, невладиниот сектор, експертската јавност и медиумите активно да реагираат и да се спротивстават на, како што го нарекоа, „државниот грабеж“.
Од партијата бараат институциите да преземат одговорност, уверувајќи дека, рано или доцна, сите вмешани ќе мора да одговараат. Според СДСМ, ова не е партиска, туку општествена борба за државата и за иднината на граѓаните.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












