Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на ставовите на СДСМ околу евроинтеграциите, оценувајќи дека уставните измени не се последниот услов за членство на Македонија во Европската Унија.
Од партијата порачаа дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, треба јавно да ги осуди изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев поврзани со македонскиот идентитет, јазик и историја.
„Румен Радев тврди дека македонскиот јазик и идентитет постојат од 1945 година, а Филипче не реагира. Исто така, Радев ја претставува македонската историја како бугарска, без осуда од СДСМ“, изјави Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека граѓаните имаат право да знаат какви дополнителни услови и отстапки би можеле да следуваат доколку, како што велат, СДСМ повторно добие можност да одлучува за државните позиции.
Според партијата, барањата од Бугарија не се ограничуваат само на внесување на Бугарите во Уставот, туку навлегуваат и во прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културното наследство на македонскиот народ.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека остануваат на ставот дека националните интереси, достоинството на државата и историската вистина не смеат да бидат предмет на политички договори.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












