Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага и достави предлог за определување притвор за 18-годишно лице, осомничено дека предизвикало сообраќајна несреќа со смртни последици во Скопје. Осомничениот, кој управувал патничко возило „Фолксваген Пасат“, удрил во 79-годишна пешачка, која подоцна починала од здобиените повреди.
Како што соопштуваат од обвинителството, тинејџерот моментално не е достапен за органите на прогонот и се наоѓа во бегство, поради што ќе биде распишана и меѓународна потерница. Тој се гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Според досегашните сознанија, осомничениот управувал возило без да поседува важечка возачка дозвола и се движел со неприспособена брзина. Додека се движел по улицата „Народен фронт“ во Скопје, непрописно преминал на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивна насока, при што удрил во пешачката Љуба Јаковлеска, која во тој момент го преминувала коловозот.
Од силината на ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била итно пренесена во Ургентен центар, каде што, и покрај укажаната лекарска помош, им подлегнала на повредите. Осомничениот, наместо да застане и да ѝ помогне, веднаш го напуштил местото на несреќата.
Во рамки на истрагата, скопското обвинителство сомничи уште две лица – маж и жена – дека му помогнале на осомничениот да ја напушти државата по несреќата. Тие, со сопствено возило, го пренеле преку граничниот премин Табановце. По нивното враќање во земјава, двајцата биле лишени од слобода, а до судија на претходна постапка е поднесен предлог за определување притвор.
Притворската мерка за 18-годишникот ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и приведување. Претходно денеска, од Министерство за внатрешни работи информираа дека осомничениот ја напуштил државата заедно со својот татко.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












