Инспекторатот на Град Скопје денеска започна засилена акција за воспоставување ред во јавниот превоз и сузбивање на нелегалните превозници.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакнува дека дивите такси-возила, комбиња и автобуси кои со години работат без лиценца и без каква било контрола, конечно ќе станат минато.
„Ова го најавив уште кога ја барав поддршката од скопјани и денес ја испорачуваме таа обврска. Целта е да се заштитат граѓаните, да се воспостави фер конкуренција и да се почитуваат законите. Со новата акција, нелегалните возила ќе се одземаат на период од шест месеци, а инспекторатот ќе изрекува казни со платен налог. Пораката е јасна – хаосот и безредието нема да се толерираат“, изјави Ѓорѓиевски.
Контролите ќе продолжат секојдневно, со уште поголем интензитет во наредните денови.
„Не ни е цел да казнуваме по секоја цена, туку да изградиме здрав и регуларен систем во кој сите ќе работат легално и одговорно. Со воспоставување ред, скопјани конечно ќе имаат безбеден, сигурен и предвидлив превоз – без импровизации и ризици. Скопје мора да биде град во кој законите важат за сите и во кој институциите функционираат професионално и бескомпромисно. И така ќе продолжиме“, додаде градоначалникот.
Од Градот порачуваат дека ова е само почеток и дека промените ќе придонесат Скопје секој ден да станува поуредено, побезбедно и подобро организирано.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












