Жителите на Гостивар се очекува уште во текот на утрешниот ден повторно да добијат технички исправна вода за користење, изјави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека проблемот се санира во рекордно краток рок од една недела.
Тој посочи дека, иако управувањето со водоводниот систем е во надлежност на локалната самоуправа, Владата веднаш се вклучила во надминување на состојбата преку обезбедување донации со флаширана вода за граѓаните и ангажирање стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кои спроведуваат хиперхлорирање на водоводната мрежа.
Мицкоски изрази очекување дека уште утре надлежните институции ќе потврдат дека водата е безбедна за употреба.
„Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела“, изјави премиерот.
Тој упати критики кон опозицијата, оценувајќи дека наместо конструктивен пристап, пласира неосновани обвинувања и создава непотребна паника кај јавноста.
Во однос на одговорноста за инцидентот, премиерот нагласи дека случајот е предмет на истрага на Јавното обвинителство, кое треба да утврди како дошло до загадувањето и кој е одговорен.
„Целосната одговорност за тоа што се случи во Гостивар во моментов е во надлежност на Јавното обвинителство, кое ќе утврди каде лежи вината. Иако водоводот не е наша ингеренција, Владата веднаш обезбеди вода за пиење преку донации и се вклучи во решавањето на проблемот“, истакна Мицкоски.
Тој порача дека Владата ќе продолжи да реагира и да им помага на граѓаните секогаш кога ќе биде потребно, без разлика на тоа во чија надлежност е конкретниот проблем.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












