Агенција за национална безбедност оценува дека финансиската безбедност и борбата против високата корупција претставуваат прашања од национална безбедност, бидејќи сериозниот финансиски и економски криминал, како и високата корупција, се меѓу најсофистицираните и најопасните начини за поткопување на стабилноста на државата, институциите и довербата на граѓаните.
Како илустрација, од АНБ ги посочуваат предметите поврзани со сериозен финансиски и даночен криминал со значителна штета по државниот буџет, како и случајот со сомнежи за висока корупција во правосудниот систем, во кој била пронајдена и одземена значителна парична сума.
„Современите безбедносни закани одамна не се ограничени само на класичните ризици по уставниот поредок или територијалниот интегритет. Денес, сериозниот финансиски и економски криминал и високата корупција претставуваат директна закана за стабилноста на државата, институциите и довербата на граѓаните. Агенцијата за национална безбедност, покрај својата примарна улога во заштитата на националната безбедност, системски ги следи и анализира појавите поврзани со организиран финансиски криминал, висока корупција и ризици по финансиската и институционалната стабилност на државата“, се наведува во соопштението.
Од Агенцијата посочуваат дека преку засилени оперативни и аналитички капацитети, унапредена меѓуинституционална соработка и проактивен разузнавачки пристап, во изминатиот период биле детектирани повеќе случаи со сериозни безбедносни и институционални импликации.
„Врз основа на информации доставени од Агенцијата, надлежните институции постапуваат во предмет поврзан со сериозен финансиски и даночен криминал со значителна штета по државниот буџет. Паралелно, се постапува и во предмет поврзан со сомнежи за висока корупција во правосудниот систем, каде што е пронајдена и одземена значителна парична сума. Овие случаи јасно покажуваат дека финансискиот криминал и високата корупција не се само поединечни кривични дела, туку директна закана за институционалниот интегритет, владеењето на правото и безбедноста на државата“, нагласуваат од АНБ.
Агенцијата потенцира дека нејзината улога е навремено разузнавачко и аналитичко дејствување – препознавање и анализа на ризиците и доставување на релевантни информации до надлежните институции, кои понатаму постапуваат согласно своите законски надлежности.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












