Финалето не го оправда големиот спектакл кој го очекуваше фудбалскиот свет. Двата тима играа претпазливо, но Шпанија беше подобар противник во текот на целиот натпревар, со поголем посед на топката, повеќе иницијатива и повеќе создадени шанси.
„Фуријата“ уште од почетокот ја презеде контролата над играта. Првата сериозна закана ја имаше Ламин Јамал во 5. минута, но неговиот удар беше блокиран, а интервенираше и голманот на Аргентина, Емилијано Мартинез.
До крајот на првото полувреме Шпанија создаде уште неколку можности, преку Микел Ојарзабал и Марк Кукуреља, но мрежите мируваа. На пауза се замина со 0:0.
Во вториот дел сликата на теренот не се промени. Шпанија продолжи да напаѓа, додека Аргентина беше ориентирана главно кон одбрана. Лионел Меси и соиграчите не успеаја да ја наметнат својата игра, а најголем дел од времето беа под притисок.
Селекторот Луис де ла Фуенте со измените внесе свежина во играта, а влезот на Феран Торес и Педри се покажа како клучен момент. Голманот Мартинез во неколку наврати ја спасуваше Аргентина, бранејќи удари на Олмо, Торес, Кубарси и Лапорт.
Во финишот Аргентина остана со играч помалку по исклучувањето на Енцо Фернандез во 93. минута. Шпанија можеше да го реши натпреварот уште во судиското продолжение, но ударот на Јамал од слободен удар повторно го одбрани Мартинез.
Натпреварот замина во продолженија, а таму конечно падна одлуката. Во 106. минута Феран Торес се најде на вистинското место и го постигна голот вреден светска титула.
Шпанија заслужено стигна до трофејот и ја продолжи неверојатната серија, откако претходно го освои и Европското првенство. „Фуријата“ сега е владетел на светскиот и европскиот фудбал.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












